Индустријата за преработка на овошје и зеленчук е целосно зависна од домашното производство на земјоделски производи. Високите царини и сложените процедури за увоз на свежи земјоделски производи за преработка значат дека индустријата речиси во целост се потпира на индивидуалните земјоделци и трговци, а договорното производство како механизам за регулација на пазарот ретко се применува. Од друга страна, цените често варираат во зависност од понудата и побарувачката во регионот и количината на домашното производство. Ова се главните фактори кои се најголема пречка конзервната индустрија да го достигне својот полн потенцијал, а со тоа и да го зголеми извозот.
Индустријата за преработка на овошје и зеленчук е целосно зависна од домашното производство на земјоделски производи. Високите царини и сложените процедури за увоз на свежи земјоделски производи за преработка значат дека индустријата речиси во целост се потпира на индивидуалните земјоделци и трговци, а договорното производство како механизам за регулација на пазарот ретко се применува.
Од друга страна, цените често варираат во зависност од понудата и побарувачката во регионот и количината на домашното производство. Ова се главните фактори кои се најголема пречка конзервната индустрија да го достигне својот полн потенцијал, а со тоа и да го зголеми извозот. Според извештајот на Македонската асоцијација на преработувачи - МАП, за работата на конзервната индустрија во 2013 година вкупно 85% од суровината побарана од преработувачките капацитети во 2012 беше договорена и испорачана од производителите и трговците и тоа ад хок, во екот на преработувачката сезона, а недостигот на капацитети за ладење и складирање кај преработувачите е уште една голема пречка што оневозможува подобро организирање, планирање и извршување на производните планови.
Извозот руши рекорди
Но, и покрај тоа, конзервната индустрија континуирано урива рекорди во извозот. Вкупно 43 преработувачки капацитети во државата лани произвеле над 54,7 илјади тони конзервни производи, што е за 0,6% повеќе споредено со претходната година. Најголем дел од производите се извезени, а само 12,7 илјади тони се пласирани на домашниот пазар. Минатата година од извоз на преработки на овошје и зеленчук индустријата остварила девизен прилив од 48,1 милион евра, што е раст од 2% споредено со минатата година. Она што ја карактеризира индустријата минатата година е недостатокот на црвена пиперка за производство на ајвар, што влијаеше на поголем раст на производството и извозот на оваа индустрија.
Од МАП велат дека главни карактеристики на сезоната 2013 беа неповолните временски состојби, недостатокот на суровина за преработка (посебно црвена пиперка), пристап до финансиски средства, нецелосна имплементација на договорното производство итн.. Сите тие фактори не им дозволија на преработувачките капацитети во целост да ги искористат потенцијалите на домашното производство на суровини и да ги оптимизираат своите производствени планови.
Ајварот е најголемиот извозен адут
Според истражувањето, индустријата минатата година откупила речиси иста количина суровина како и во 2012. Тоа беше како резултат на недостатокот на околу 3.000 тони црвена пиперка минатата година. Во 2013 година индустријата откупила вкупно 71,4 илјади тони суровина или за 0,5% помалку отколку во 2012. Севкупно, индустријата лани откупила 0,4 илјади тони помалку зеленчук за преработка во споредба со претходната година или 58,9 илјади тони и 7,8 илјади тони повеќе овошје за преработка во 2013 во споредба со 2012 или 12,5 илјади тони.
Анализата на МАП покажува дека индустрискиот ајвар е најмногу произведен од индустријата (индивидуално учество со 13,7% во вкупното производство), а потоа следат замрзната пиперка, домашен ајвар, преработени корнишони, печена пиперка, цвекло итн. Смрзнатата пиперка во однос на произведената количина имаше мало намалување во 2013 во споредба со 2012 (13,7 илјади тони произведено во 2012 во споредба со 12,4 илјади тони во 2013). Севкупно земено, производите од пиперка доминираат во севкупното производство.
Индустријата во последните неколку години покажува постојано зголемување на производството, најмногу поради зголемената побарувачка за македонските преработки од страна на странските купувачи, како и порастот на домашниот пазар како резултат на силната пенетрација на малопродажните синџири и промените во животните навики на населението.
Како што може да се забележи во извештајот, македонските преработени производи имаат релативно ниска извозна вредност или околу 1 кг. за 1,11 евро.
Расте домашната потрошувачка
Интересно во извештајот оваа година е тоа што домашната продажба, исто така, се зголемува и има учество во севкупните подобрувања на индустријата. Во 2013 домашната продажба изнесува 12,7 илјади тони или 2,0% повеќе во споредба со 2012.
Македонските преработувачки компании претежно извезуваат производи од преработен зеленчук. Во 2013 преработките од зеленчук учествувале со 78,9% по обем и 76,3% по вредност во севкупниот извоз на преработени производи.
Пазарот на ЕУ и соседните пазари се главните извозни одредишта за домашно произведените преработки од овошје и зеленчук. Според истражувањето во 2013, извозот на преработени производи на ЕУ пазарите во количина изнесува 62% и 57,8% во вредност од севкупниот извоз на преработени производи од Македонија. Српскиот пазар е втор по големина пазар (18% по количина и 17% во вредност од вкупниот извоз во 2013). Севкупно, извозот на преработени производи во 2013 во (Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово) учествува со 31,3% со количина и 30,7% во вредност од севкупниот извоз на македонските преработени овошје и зеленчук. Останатите пазари (посебно Австралија и САД) поради големата заедница на емигранти од Македонија, но и од другите балкански земји, исто така, се многу важни извозни одредишта.